(Видео) Заев на трибината „Најдоброто“ во Скопје: Направивме сè, на ред е ЕУ да испорача

пред 3 години

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва се обрати пред граѓаните на Скопје и ја отвори првата од караванот трибини „Најдоброто за нашата општина“.

Во воведниот дел од обраќањето, Заев се осврна на актуелната состојба со процесот на евроинтеграциите и надминување на нелогичните блокади на патот кон ЕУ.

„Ви носам поздрави од Париз, од главните градови на цела Европа, преточени поздрави во силна и искрена поддршка за нашата татковина чиј главен град е ова наше убаво Скопје. Скопје е гордо и почитувано кога Северна Македонија е горда и почитувана. За нас е многу важно што земјите членки на ЕУ, меѓу кои и Франција го поддржуваат процесот на интеграција во ЕУ. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение сега за нас е решението за почеток на преговорите, одобрен од сите земји членки на ЕУ“, рече Заев.

Тој истакна дека државата направила сѐ што треба во процесот на реформи и исполнување на критериумите и дека сега на ред е Европската Унија.

„Направивме се, сработевме, ги исполнивме сите критериуми, на ред е ЕУ да испорача. Подготвени сме за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Секако прашањата за македонскиот јазик и идентитет не се и не може да бидат на која било маса. Се бориме за иднината на земјата и ќе направиме се за неа. Да се бориш за својата земја, за својот народ, за својат град, општина, е привилегија, чест, одговорност“, рече Заев.

Share
Scroll to Top