Во координирана акција на полицијата, во текот на вчерашниот ден (8 декември) бил пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Косово во Македонија, при што запленета е марихуана во количина од околу 200 килограми со вредност од околу 600.000 илјади евра, а лишени од слобода се шест лица, македонски и косовски државјани.
Како што соопштија од МВР, на автопатот „Пријателство“, при извршен полициски преглед на автомобил „опел зафира“ со скопски регистарски ознаки, управуван од И.П. (51) од Скопје, биле пронајдени патнички куфери во кои имало 55 пакувања марихуана.
Истовремено, при контрола на автомобил „БМВ туран“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.Р. (30) од Скопје биле пронајдени вреќи со вкупно 116 пакувања марихуана.
Во близина на бензинска пумпа биле сопрени два автомобила – „мерцедес“, со струмички регистарски ознаки, управувани од О.А. (36) од Скопје, каде како сопатник бил косовскиот државјанин Џ.Љ., како и автомобил „мини купер“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Е.А. (33) од Скопје, каде како совозач бил Б.Р. (24) од Скопје, кои биле ангажирани за да го обезбедуваат транспортот на дрогата.
Во консултација со Јавен обвинител, по добиена судска наредба извршен бил претрес во домот на Б.Р., при што биле пронајдени торба со 29 пакувања со марихуана, ќеса со марихуана, фантомка, дигитална вага и 11 куршуми, додека при извршен претрес во домот кај Е.А. пронајдени биле еден сигнален пиштол марка „Екол“ 9 милиметри со празна рамка, како и еден пиштол „Црвена застава“ 9 милиметри со една рамка со 10 куршуми за него, додека во куќниот двор бил пронајден автомобил „БМВ“ донесен од Косово без соодветна документација, кој од страна на Царинската управа е одземен за понатамошна проверка.
Денеска до надлежното Јавно обвинителство против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.