(Видео) Министерката за култура ги претстави резултатите од годишните конкурси за финансирање на проекти

пред 3 години

На корисниците што ќе се најдат во списокот на поддржани проекти, им пожелувам успешна и отчетна реализација, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска ја одржа првата прес-конференција на која ги соопшти резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година.

Резултатите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2022 година ќе се реализираат со буџет од милијарда педесет и три милиони денари, односно 66 милиони денари повеќе за оваа намена, од средствата што беа на располагање за проектите во 2021 година.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека оваа година Конкурсот за првпат бил реализиран преку електронска апликација, за што биле одржани обуки во повеќе градови, било направено видео упатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно биле поставени условите за секоја дејност одделно на веб-страницата на Министерството, биле отворени телефони за консултација и техничка поддршка, како и електронски адреси во секоја дејност за прашања од корисниците.

Министерката за култура на прес-конференцијата информираше дека во системот се евидентирани 3.769 валидни пријави кои автоматски добиле архивски број, а по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека поголем број од пријавите, речиси две третини, се пополнети со технички пропусти.

„Од тие причини, а во интерес на корисниците, рокот за пријавување беше двапати продолжен. Тоа подразбираше, како што беше и најавено, дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до средината на февруари“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека со воведувањето на електронската апликација е направен огромен исчекор во градењето на системот и им се заблагодари на претходната министерка за култура, Ирена Стефоска, на стручните лица од Министерството и од Владата, како и на комисиите и на самите апликанти.

„На сите ова ни беше ново заедничко искуство кое донесе нови предизвици од кои извлековме драгоцени сознанија како да го подобриме овој систем за заемно задоволство“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Share
Scroll to Top