(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Преку регулација на криптовалутите ќе обезбедиме над половина милијардa евра во буџетот

пред 3 години

Тргувањето со криптовалутите станува сѐ почесто споменувано, a овој вид вложување сѐ повеќе го привлекува вниманието на граѓаните, посочи на денешната прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„Напредните држави имаат огромен напредок во оваа област, се овозможуваат финансиски трансакции преку криптовалути. Во светот има и голем број на банки кои преку нивна платформа дозволуваат трговија“, објасни таа.

Сепак, како што кажа Митева, во Македонија овој сегмент сѐ уште не е регулиран со закон, па, во случај на измама, нема начин да се обештетат инвестициите.

„Нашите закони ниту овозможуваат, ниту пак забрануваат купување и продавање криптовалути, поради што граѓаните имаат можности сами да одлучуваат дали ќе инвестираат.

Со регулација на криптовалутите неколку десетици милијарди евра годишно завршуваат во буџетите на земјите како САД и Германија.

Веќе и во останатите земји во ЕУ се прави стратегија за тоа како да се регулираат криптовалутите кои сѐ уште се во сивата зона“, рече партиската портпаролка.

Таа објасни преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, партијата ќе поднесе Закон со кој ќе се дозволи трговија и чување на криптовалутите во Македонија.

„Со тоа, инвестираните и вложени пари од граѓаните ќе завршат во буџетот, ќе ја подобриме економијата. Ова законско решение кое ќе го предложиме ќе ги содржи во себе следните ослободувања:

Најпрво, трговија со криптовалути без ДДВ, потоа ќе воведеме законска норма со која тие кои што ќе тргуваат со криптовалути најмалку до крајот на 2023 година ќе бидат ослободени од данок на добивка и персонален данок на доход.

Обезбедуваме најмалку половина милијарда евра во македонскиот буџет“, порача Митева додавајќи дека патот кон дигитализација и напредна технологија треба да го следиме на овој начин.

 

Share
Scroll to Top