(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред

(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред

пред 6 часа

Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.

„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.

Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.

„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.

„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.

СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.

„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.

По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.

Текстот (Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top