ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија

пред 6 часа

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Венко Филипче и СДСМ стануваат сѐ поарогантни и дека делуваат целосно отуѓени од реалноста, оценувајќи дека наместо да се занимаваат со состојбите во Македонија, се фокусираат на политички случувања во други држави.

„Чекаме Филипче и СДС да расчистат со политичките случувања во другите држави, за да се вратат во реалноста и да почнат да бидат опозиција во Македонија“, велат од партијата.

Во соопштението се наведува дека СДСМ не се соочува со сопствените слабости, „и покрај реакциите од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна“, како и покрај јавните настапи на нивни поранешни членови и функционери.

ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на изборите во Унгарија, наведувајќи дека по победата на партијата Тиса, која според нив е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, опозициската партија „очајнички бара некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“.

„Филипче на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДСМ, на истите тие избори доживеа дебакл. За тоа досега нема коментар“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ понатаму посочуваат дека Филипче коментирал и за стратешкиот договор со Велика Британија, тврдејќи дека станува збор за договор за носење мигранти во земјава, но дека по демантите од институциите и од британскиот амбасадор, „останаа без коментар“.

Во реакцијата се споменуваат и тарифите од страна на САД, при што владејачката партија наведува дека по потпишувањето заедничка изјава со САД и намалувањето на тарифите, од СДСМ повторно немало коментар.

„На никој не му е јасно што прави Филипче. На Филипче не му е јасно што прави Филипче“, стои во соопштението, каде ВМРО-ДПМНЕ оценува и дека тој ги продолжува, како што велат, „антидржавните политики“ од времето на Зоран Заев.

Во продолжение, партијата наведува дека СДСМ се скарала со сопартијци, оттурнала поранешни функционери, влегла во конфликт со медиуми и новинари, а сега, како што тврдат, „отворено иницира кавги со други држави и нивни претставници во земјава“.

„СДСМ се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следни избори, според тоа како Филипче ја води партијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека преку, како што велат, „ПР-от на Башановиќ истата матрица продолжува“, обвинувајќи дека СДСМ се занимава со лаги и конструкции и постојано се претставува како жртва.

„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top