Од Град Скопје реагираат дека во ЈП Дрисла не се согорува опасен отпад без дозвола. Оттаму додаваат дека откако Дрисла се врати во надлежност на Град Скопје, прераснала во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните.
„ Откако ЈП Дрисла е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето“ велат од Градот.
Како што наведуваат, во ЈП Дрисла освен медицински отпад кој се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола.
ЈП Дрисла постапува по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство има поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад, додаваат од Град Скопје.