Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група, денес на состанок со универзитетските професори од сите Универзитети во државата го продолжија широкиот консултативен процес за предложените реформи во основно образование.
Од МОН посочија дека низ конструктивна дискусија, во тек е презентирањето на мислењата на предлозите и сугестиите на професорите, од кои добар дел се во насока на подобрување на концепцијата.
„Овие средби се многу важни за процесот на реформи, а мислењата на универзитетските професори од различни научни дисциплини се добредојдени затоа што верувам дека сите заеднички ќе создадеме квалитетни промени во нашето образование. Посебно важно ќе ни биде мислењето на професорите од научните дисциплини кои се вклучени во наставата и тие ќе ги пишуваат наставните програми”, рече министерката Царовска.
Мимоза Ристова професорка на Природно – математичкиот факултет во Скопје вели дека со реформата се создаваат генерации кои се воспитуваат во духот на мултикултурализмот и размислуваат критички.
„После 30 години некој се најде да го подобри системот. Имаме системска грешка која се провлекува низ неколку влади до сега, а точно е детектирана грешката. Оваа влада се нафати да ја исправи грешката. Мислам дека реформата мора да оди брзо и да го покренеме системот на подобро“, рече професорката Ристова.
Емилија Петрова Ѓоргева Деканка на Педагошкиот факултет на Факултетот „Гоце Делчев” во Штип рече дека предложената концепција е подготвена врз основа на анализи и ставови на наставниците и нејзината примена во образованието ќе ги даде посакуваните резултати.
Дејан Илиев, професор на Педагошкиот факултет при УКЛО – Битола, даде поддршка на реформските процеси.
„Образованието е жива материја. Растеме со него и целиот живот не следи. Јас сум за реформите коишто се случуваат. Дајте сите да дадеме придонес ова да заживее“, рече професорот Илиев.
Фабви Османи професор и декан на Педагошкиот факултет од Државниот Универзитет во Тетово, вели дека целосно се согласува со интегрирањето на предметите затоа што сега имаме повторување на исти содржини во различни предмети.
„Сите сме свесни дека треба да се реформира образованието. Знаеме дека образованието бара нов приод. Самата концепција го поврзува училиштето и научната јавност која се занимава со оваа проблематика. Лично не се согласувам со отфрлање на концепцијата. Сите знаеме какви се резултатите од тестирањата и дека треба да се смени, но кога ќе се смени, ако даваме отпор”, вели Османи.
Славчо Димитров асистент на факултетот ФОН истакна дека концепцијата е за поздравување и дека не треба да има одложување на овој процес.
„Се за поздравување реформите и во нив треба да се вклучат сите. Јасно и недисмислено во концепцијата е тоа што учениците конечно се ставаат во фокус на образованието. Со интегрираните предмети македонското образование ќе влезе во развиените системи. Овој процес е почнат и мора да истера.Јас сум шокиран дека во 21 век зборуваме и отвораме дискусии за концепцијата. Оваа концепција мора да помине и да истераме до крај”, рече Димитров.
Снежана Христова професорка на “Американ колеџ” рече дека ова е огромен чекор за почит и за пофалба.
„Со концепцијата за првпат имаме визионерски пристап во образовните реформи. За поздравување е дека после многу години се прави сеопфатна концепција и за тоа за прв пат се споменуваат резултати од учење. Мислам дека концепцијата е добро поставена, но треба да се внимава на имплементацијата, односно да се постават приоритети. Сметам дека фокусот треба да се стави на јазичноста и математичката писменост и на развој на когнитивните вештини кај децата”, рече Христова.