Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на Скопскиот економски форум имаше обраќање на панелот насловен „Испорачување на ветувањето од ЕУ: Да се види за да се верува“, заедно со амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир и Гашпар Довжен, државен секретар на словенечкото МНР.
Димитров нагласи дека европската визија за Западен Балкан и процесот на проширување мора да биде зајакната со политичка одговорност и одлучност, во име на, како што рече, заедничките цели и вредности, како и во име на дадените ветувања.
„Сè потешко стува за мене да разговарам со нашите граѓани и да го одржам наративот дека европската интеграција е навистина можна. Навистина ни треба придвижување. Овој регион е опкружен со земји-членки. Економски, политички и историски, културолошки, припаѓаме на Европа и навистина е важно да видиме конкретни одлуки и движења за поддршка и за исполнување на ветувањето дадено во Солун. Ние немаме алтернатива, освен да станеме функционална европска демократија, што доаѓа заедно со економски просперитет“, посочи вицепремиерот.
Сепак, Димитров и натаму е оптимист дека можно е европско решение со Бугарија, кое е во согласност со европските вредности.
Тој се заблагодари на словенечкото претседателство за нивните планови во однос на Западен Балкан, но и на напорите на португалското претседателство за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.
„Сметам дека треба да ги здружиме силите, да размислуваме стратешки. Имаме визија, а тоа е добра почетна позиција за конвергенција и премостување на разликите меѓу Балканот и Европската Унија во економска смисла. Сите знаеме дека влогот е огромен и сметам дека имаме можност за успех, што треба да го искористиме во месеците што доаѓаат. Се разбира, проевропските сили ќе станат послаби ако не успее европската визија во овој регион и тоа не треба да го потценуваме“, дециден е вицепремиерот.
Словенечкиот државен секретар Довжан потенцираше дека вклучувањето на Западниот Балкан во ЕУ не е само од интерес на земјите од регионот, туку и геостратешка потреба на Унијата и нагласи дека проширувањето на ЕУ ќе биде еден од приоритетите на словенечкото претседателство.
Амбасадорот Гир ја повтори позицијата на Европската комисија дека почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија останува приоритетно прашање и дека процесот на проширување мора одлучно да се движи напред.