За време на посетата на градинката „Младост-Риниа“ во Тетово, Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНИЦЕФ и партнерите го означија почетокот на новата иницијатива „Учење преку игра и образование во раното детство“ во насока на промовирање интегрирани пристапи кон играта во раното детство.
Иницијативата, поддржана од Stiftung Kinderförderung von Playmobil (Фондација Плејмобил) е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за унапредување на развојот во раното детство. Програмата има за цел да обезбеди сите деца, без разлика на нивното потекло или околности, да имаат континуирани можности за развој и учење преку игра.
Со цел пристапите на учење преку игра да станат суштински дел од раното детско образование, иницијативата вклучува поддршка за развој на нова програма за образование во раното детство и ревидирање на националните стандарди за рано учење и развој.
„Инвестирањето во раниот детски развој е инвестирање во иднината на нашето општество. Играта е јазикот на децата – преку неа тие учат, растат и се подготвуваат за живот“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Како дел од иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“, Фондацијата Плејмобил донираше и над 9.000 сетови за игра на УНИЦЕФ. Овие сетови се распределени во сите јавни градинки и други установи за згрижување деца. Тие се користат за да им се помогне на децата да учат на забавен и интересен начин за здравата исхрана, рециклирањето, заштитата на животната средина и рамноправноста помеѓу момчињата и девојчињата.
„Играта има суштинско значење за учењето, здравјето и отпорноста на децата,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. „Од најраните денови од животот, интеракциите преку игра го стимулираат развојот на мозокот и помагаат да се изградат сигурни емоционални врски. За децата од предучилишна возраст, играта претставува можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да изградат самодоверба и да ги постават темелите за доживотното учење.“
И покрај овие придобивки, значењето на учењето преку игра недоволно се препознава во Северна Македонија. Податоците покажуваат дека 57% од мајките и само 5% од татковците учествуваат во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3–4 години.
За да се надмине овој јаз,иницијативата ќе обезбеди и поддршка за родителите и старателите преку градење на капацитетите на патронажните сестри и проширување на апликацијата за родителство „Bebbo“ со информации, ресурси и стратегии за вклучување на играта во секојдневниот живот.
„Со задоволство го поддржуваме овој вреден проект, и преку донација и преку Плејмобил материјали“, изјавија Андреа Мерингер и Флоријан Лефлер, членови на Управниот одбор на Фондацијата. „Со интерес ќе го следиме не само развојот на наставната програма, туку и како ќе се прошируваат можностите за учење и развој преку игра.“
Со поддршка на стручните работници и семејствата, иницијативата „Учење преку игра и образование во раното детство“ има за цел да обезбеди секое дете да има можност да расте, учи и напредува преку моќта на играта.
Текстот Играта е право: Нова иницијатива за проширување на учењето преку игра е превземен од МАКФАКС.






