Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира не само маркетите туку сите компании да го почитуваат Законот за нефер трговски практики и да не ја злоупотребуваат недоволната екипираност на некои институции, кои не може да направат контрола во одреден момент. Кога ќе им биде направена контролата, доколку се утврди непочитување на законите, Димитриеска-Кочоска вели дека ќе следуваат драконски казни.
„Можеби во овој период одредени државни институции, поради лимити во капацитетите и така натаму, не можеле да излезат и да ги ионтролираат состојбите, меѓутоа знаете дека кога станува збор за пари и финансиски трансакции, сѐ останува за навек. Ние може да отидеме и по 12 месеци од денес и да направиме контроли и доколку утврдиме, ќе бидат казнети. Затоа, апелирам до сите, не само до трговските синџири, до сите компании во државата, да се почитуваат законите. Ништо повеќе од тоа затоа што во некој момент која било од институциите ќе излезе на терен, ќе направи контрола, ќе се врати назад, ќе следуваат драконски казни“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа потсети дека и од опозиција предупредувале оти инфлацијата кај нас повеќе е создадена однатре отколку што е увезена и нагласи дека тој став не го сменила.
„Во континуитет повторувавме со години дека инфлацијата во Македонија повеќе е создадена однатре отколку што е увезена. Јас не сум друга личност, јас сум истата Гордана од пред една година. Истото тоа го зборував и тогаш, истото тоа го зборувам и денес. И што кажувам? Да се почитува Законот за нефер трговски практики. Ништо повеќе од тоа. Истото тоа ви го кажав и пред неколку месеци, таму некаде во септември, кога се спроведуваа одредени мерки од страна на Владата, истото тоа го кажувам и сега“, вели министерката Димитриеска-Кочоска.
Инспекциите се во контрола и денес, а за резултатите од најавениот бојкот на маркетите, Управата за јавни приходи најави дополнителни информации.
Текстот И по 12 месеци да се направи контрола, ќе следуваат драконски казни за непочитување на Законот за нефер трговски практики, вели Димитриеска-Кочоска е превземен од МАКФАКС.






