Земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Скоро половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 %, се наведува во анализата од истражувањето на цените и потрошувачката на водата за пиење во земјава на Центарот за граѓански комуникации.
„Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење и секој наплаќа различна цена за својата услуга. Најголем дел од нив имаат различни цени за „домаќинствата“ и за „останатите потрошувачи“, односно правните лица (фирми и институции).
Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Просечната цена на кубик вода за пиење во земјава е 27,49 денари.
Инаку, домаќинствата од Маврово плаќаат само 2,6 денари за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена.
Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петтата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од источниот регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе“, се наведува во анализата.
„За правните лица, цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик. Овие, т.н. останати потрошувачи, просечно плаќаат по 45,25 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65 % повеќе од домаќинствата.
И кај фирмите, четири од петте општини со најниска цена за водната услуга се од Полошкиот Регион: Желино, Теарце, Боговиње и Тетово, а петта е Кривогаштани. Спротивно, меѓу петте општини со најскапа вода за фирмите, покрај Скопје, се и Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес. Во Старо Нагоричане плус се плаќа и фиксен надомест од 87 денари на секоја месечна сметка за вода за пиење“, се додава во истражувањето.
Целото истражување можете да го најдете на следниот линк.
Текстот „Кубик вода за пиење во Боговиње плаќаат по 7,5 денари, а во Кочани по 49 денари“, истражување на Центарот за граѓански комуникации е превземен од МАКФАКС.