Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на вчерашната прес-конференција на министерот за правда, Игор Филков, на која, како што велат, наместо да се информира јавноста за реформите и законските решенија, беше злоупотребена говорницата на Министерството за правда за политичка пресметка со опозициона партија, само затоа што не присуствувала на состанок на работната група за Изборниот законик.
Претставникот на ЛДП во работната група, Дејанчо Цветановски, вели дека со неверување ги следел изјавите на министерот, кои, според него, повеќе наликувале на партиска прес-конференција, отколку на настап на министер кој треба да работи во интерес на сите граѓани на Македонија.
„Со неверување го следев тоа што го кажуваше министерот, затоа што тоа беше негов личен или партиски став, а никако не заеднички договорен текст од името на Работната група. Одлучив дека е подобро да не се прави дополнителен скандал со прекинување на министерот во тој момент, но јасно сакам да порачам дека ова е последен пат ЛДП да биде сведок на настан каде државната функција, платена со пари од сите граѓани, се користи за партиски пресметки,“ изјави членот на Извршниот одбор на ЛДП Дејчанчо Цветановски.
Во врска со овој скандалозен чин, додаде тој, Либерално-демократската партија ги упатува следните барања и пораки.
„Итна реакција од премиерот: Бараме премиерот итно да му укаже на министерот за правда и да го дисциплинира за ваквото недолично однесување. Ваквиот настап ниту гради меѓусебна доверба, ниту придонесува за правото – напротив, директно го руши интегритетот на државната функција и на институцијата. На следен ваков испад на министерот, претставникот на ЛДП нема да биде молчелив „декор“, туку соодветно ќе одговори на секој обид за рушење на достоинството на државната функција и на духот на соработка кој го бараат граѓаните“.
Понатаму ЛДП бара преиспитување на довербата поради неефикасност.
„Бараме премиерот сериозно да ја преиспита довербата кон министерот за правда заради сериозното доцнење на реформската агенда. На граѓаните и на бизнис секторот им е „преку глава“ од изговорите дека „ќе биде“, „само што не било“, или барањата за „уште еден грејс период“. Додека министерот се занимава со партиски соопштенија, државата ризикува да изгуби милиони евра од ЕУ фондовите. Одговорноста за ова доцнење не е кај опозицијата, ниту кај граѓаните, туку кај менаџментот на министерството“, рече Цветановски.
Исто така, ЛДП бара заеднички напор за правда, а не партиски штаб.
„Министерството за правда не смее да биде партиски штаб. За враќање на длабоко разрушената доверба кај граѓаните во правниот систем е потребен заеднички напор и инклузивност. Ниту една партија сама нема да ја врати загубената доверба, а уште помалку тоа ќе се постигне со несоодветно и неефикасно постапување. ЛДП ќе продолжи да учествува конструктивно во реформските процеси затоа што тоа им го должиме на граѓаните, но нема да дозволиме нашето присуство да се користи како алиби за институционални неуспеси и партиска сцена на поединци кои не ја разбираат тежината на функцијата која ја извршуваат“, рече Цветановски.
Текстот ЛДП: Премиерот итно да го дисциплинира министерот за правда е превземен од МАКФАКС.





