Маркоска: ВМРО-ДПМНЕ да се откажe од блокадите за изградбата на нов Клинички центар

пред 4 години

Блокадите на изградбата на нов Клинички центар од страна на ВМРО-ДПМНЕ e пример за неодговорно, незрело дејствување кое е на директна штета на граѓаните и македонското јавно здравство, изјави пратеничката на СДСМ, Даниела Маркоска.

„Откако не успеаја да го одбранат криминалот, ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат своите фрустрации и внатрепартиски пресметки да ги прекршат врз граѓаните, овде во законодавниот дом. Очигледно е дека единствената намера на ВМРО-ДПМНЕ е да спречат развој на македонското здравство, да блокираат се што е во интерес на граѓаните и државата. Затоа и одбија формирање на посебна собраниска комисија која ќе ја води постапката за нов Клинички центар и која ќе биде водена токму од опозицијата во Собранието“, смета Маркоска.

Како што додаде, со овој проект, државата за првпат по цели 80 години ќе добие нов современ, модерен Клинички центар на предвидената локација во општина Ѓорче Петров.

Да се биде против овој проект, вели Маркоска, значи да се биде против интересите на граѓаните и на државата.

Таа ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и наместо за фотелјата во белата палата да работат за граѓаните, да издејствуваат кај своите колеги повлекување на 2.000 амандмани со кои се кочи овој важен проект.

Share
Scroll to Top