Министерството за здравство соопшти дека почитува законската можност секој да поднесе пријава доколку смета дека постои основ.
„Истовремено, очекуваме надлежните институции професионално, темелно и неселективно да ги испитаат сите наводи“, велат од МЗ.
„Основното јавно обвинителство веќе постапува по случајот. Министерството и сите надлежни здравствени установи целосно ќе соработуваат и без одложување ќе ја достават секоја побарана информација, анализа и документација.
Во Гостивар здравствениот систем реагираше навремено, пациентите добија соодветна здравствена грижа, а јавноста беше информирана за состојбата. Здравјето на граѓаните не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки.
Оттука, сметаме дека обидите на СДСМ случајот да го претвори во партиска тема не придонесуваат за утврдување на фактите. Наместо политички квалификации и прес-конференции, потребно е да им се овозможи на надлежните институции непречено да ја завршат постапката.
Министерството ќе продолжи да работи транспарентно и одговорно. Наши приоритети остануваат функционалниот здравствен систем, заштитата на здравјето на граѓаните и целосното утврдување на фактите врз основа на докази“, се наведува во реакцијата на МЗ.
Текстот Министерството за здравство реагира: Обидите на СДСМ случајот да го претвори во партиска тема не придонесуваат за утврдување на фактите е превземен од МАКФАКС.






