Владата на Заев го губи политичкиот легитимитет и кредибилитет, затоа што не ги оправда очекувањата за кои доби доверба од народот, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за српскиот дневен весник „Политика“.
Мицкоски додава дека власта е изборно декласирана во градот Скопје, но и други големи градови во државата, а, како што вели, онаму каде сега има втор круг ВМРО-ДПМНЕ влегува како апсолутен фаворит.
„Овие локални избори потврдија дека народот се спротивставува на политичарите кои немаат слух за неговите барања, но и фактот дека завршува времето на лагите и непринципиелноста во политиката. Загубениот кредибилитет преку локалните избори, очекувам да се преслика и на парламентарната власт, односно многу скоро тие промени ќе продолжат и на централно ниво“, појасни Мицкоски.




