Мицкоски: Македонија е дом на различности што ја збогатуваат нашата заедничка приказна

Мицкоски: Македонија е дом на различности што ја збогатуваат нашата заедничка приказна

пред 4 часа

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи дека празникот носи силна историска и културна симболика, поврзана со Битолскиот конгрес од 1908 година.

Во своето обраќање, Мицкоски потсетува дека тогаш, албанската интелигенција направила голем чекор кон создавање унифицирана азбука – „чин со длабоко европско значење“, како што рече, кој означил модернизација, образование и отвореност.

Премиерот нагласи дека Денот на албанската азбука е важен и за државата, бидејќи „Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна“. Албанската заедница, според него, е суштински дел од културниот и општествениот мозаик на земјата.

Мицкоски порача дека Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат услови за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу граѓаните.

„Имаме амбиција да градиме општество во кое младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други ќе ја гледаат својата иднина овде – во силна и развиена татковина“, изјави тој, додавајќи дека секој јазик треба да биде „мост, а не граница“.

Во обраќањето беа истакнати и проектите што Владата ги спроведува – модернизација на инфраструктурата, образованието, поддршка на културните институции, дигитализација и економски развој на локалните заедници, како и јакнење на институциите за рамноправност и интеграција.

На крајот, Мицкоски порача дека успехот е „заеднички проект“ и дека со обединетост, почит и одговорност може да се постигне напредок за целата држава.

„Нека е честит Денот на албанската азбука“, стои во честитката.

Текстот Мицкоски: Македонија е дом на различности што ја збогатуваат нашата заедничка приказна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top