Премиерот Христијан Мицкоски во Виена испрати јасна порака до европските партнери: Во услови на неизвесност, енергетски предизвици и економски притисоци, зборовите не се доволни, потребни се конкретни одлуки и дела.
Мицкоски кој се сретна со канцеларот Кристијан Стокер порача дека Европа се наоѓа во историски пресуден момент во кој мора да одбере дали само ќе реагира на кризите или активно ќе ги обликува новите глобални правила. Тој нагласи дека во услови на енергетски и економски предизвици, стабилноста зависи од заедничкиот раст.
„Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Ниту пак ќе биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно. Нашата определба е јасна: градиме држава што нуди сигурност и систем во кој работата се исплати“, истакна премиерот.
Мицкоски потенцираше дека македонската влада е подготвена да ја преземе својата одговорност во рамките на билатералната соработка, но и како дел од заедничката европска иднина. Фокусот на власта останува на проекти што ќе траат подолго од еден мандат и ќе донесат бенефит за идните генерации.
„Подготвени сме да работиме, подготвени сме да носиме одлуки и подготвени сме да испорачаме резултати,“ дециден беше Мицкоски, нагласувајќи дека партнерството мора да се темели на меѓусебна доверба и конкретни економски проекти.
Текстот Мицкоски од Виена: Потребни се дела, а не зборови – Европа мора активно да ги обликува правилата е превземен од МАКФАКС.





