МНР: Се врачуваат првите 100 мобилно издадени пасоши преку Амбасадата во Лондон

пред 3 години

Во процес на врачување се првите 100 биометриски пасоши на Република Северна Македонија, издадени преку Амбасадата во Лондон. Воспоставувањето на базната станица во амбасадата го поедностави и скрати на само три недели, информира Министерството за надворешни работи.

„Ова е историски момент за конзуларната пракса во оваа амбасада. Нашите граѓани кои живеат и работат во Англија, Шкотска, Велс или Северна Ирска од сега можат да ги обноват своите пасоши на многу поедноставен, поефикасен и побрз начин. Ме радува што првичните впечатоци и реакции од сите кои ја посетија амбасадата изминативе 4 недели се позитивни. Тој е најсилниот мотив и предизвик за тимот на амбасадата да продолжи и натаму да биде ефикасна служба во корист на граѓаните”, изјави македонската амбасадорка во Лондон, Александра Миовска.

Од МНР информираат дека целта на проектот за воспоставување базни и мобилни станици во македонските дипломатски и конзуларни претставништва е исполнување на потребите на дијаспората, која со години наназад се жали за бавно издавање на патни исправи.

„Подобрувањето на услугите на нашите ДКП-а за дијаспората е висок приоритет на МНР, чија интенција е следниот период овој значителен проект да се прошири со поголем број ДКП-а“, се вели во соопштението.

Share
Scroll to Top