Мухамет Хоџа и Беким Сали се новите министри во Владата

Мухамет Хоџа и Беким Сали се новите министри во Владата

пред 5 часа

Собранието ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за европски прашања.

Новите министри доаѓаат на местата на Изет Меџити и претходно разрешениот Орхан Муртезани.

Образложувајќи ги предлозите пред пратениците, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изборот е направен со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори.

„Денес пред вас го доставувам предлогот за избор на двајца министри, со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт“, рече Мицкоски.

За Хоџа, премиерот посочи дека располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, со ангажмани во повеќе институции и раководни позиции.

„Министерството за животна средина и просторно планирање има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, рационалното користење на просторот и заштитата на животната средина“, изјави Мицкоски.

Во однос на Беким Сали, Мицкоски нагласи дека неговото претходно искуство како министер и актуелниот ангажман во законодавната власт се значајни за координативната улога на овој ресор.

„Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи“, рече премиерот.

Тој се заблагодари и на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, посочувајќи дека ќе продолжи да биде дел од неговиот кабинет и ќе го координира процесот на следење на исполнувањето на реформската агенда.

Изборот на новите министри во Владата следува по локалните избори одржани во октомври. По тие избори, Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир, откако претходно ги извршуваше должностите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. Во меѓувреме, Собранието го разреши досегашниот министер за европски прашања, Орхан Муртезани.

Текстот Мухамет Хоџа и Беким Сали се новите министри во Владата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top