Муцунски: Секогаш кога водат тајни преговори тие се на штета на државата

пред 2 години

Секогаш кога се воделе тајни преговори како дел од надворешната политика, тие биле на штета на државата, рече во изјава потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски.

„Видовме таква изјава од министерот Османи и не само ние како политички субјект, туку и како севкупна јавност очекуваме да добиеме одговор за што точно се преговара со нашиот сосед“, рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Османи дека постои документ меѓу Македонија и Бугарија.

Според него, тоа треба да биде јавно презентирано, а рече и дека има институции, како што е Собранието, кое доколку има таков документ, на затворена или отворена седница на Комисијата за надворешна политика истиот може да биде презентиран.

„Се стремиме да одиме кон правец на најразвиените демократии, но не ги почитуваме принципите на најразвиените демократии. Да се разговара за национални интереси, мора да се воспоставува консензус. Не може потоа, откако ќе се постигнат некои договори за кои многу малку луѓе знаат во државата, да се очекува од опозицијата бланко да ги прифаќа истите. МНР и владата на македонската јавност да и објаснат точно за што се преговара и да најдат институционален начин преку кој на сите политички субјекти во државата ќе им биде објаснето кои чекори се преземаат и во која насока се водат преговорите“, потенцира Муцунски.

Share
Scroll to Top