Центарот за полициска обука доби сертификат за меѓународна акредитација

пред 2 години

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на свечениот чин по повод предавањето на IADLEST – сертификатот за меѓународна акредитација на Центарот за полициска обука.

Во своето обраќање Спасовски рече дека со стекнатата меѓународна акредитација, Центарот за обука практично е прв таков образовен Центар во нашата држава, наменет не само за потребите на министерството, туку и за сите оние институции кои што работат на спроведување на законите со посебни овластувања.

,,Со оваа меѓународна акредитација не само што се збогатува професионалното портфолио на Центарот за обука, туку истовремено се отвораат нови образовни перспективи за уште поквалитетна стручна и професионална едукација и специјализација на вработените во безбедносните структури, за натамошно пренесување на нови меѓународни искуства и практики следствено модерните полициско-безбедносни стандарди“, потенцираше Спасовски.

Американската амбасадорка при обраќањето пред присутните напомена дека примената на најдобрите практики за обука на оние кои се жртвуваат себеси за безбедноста е исклучително значајна, а поддршката од министерот Спасовски на овие заложби, во политичка смисла и ресурси, ќе обезбеди успех на Центарот за полициска обука.

,,Северна Македонија нека биде лидер во регионот проширувајќи ја соработката и партнерствата во делот на спроведување на законите. Амбасадата на САД е горда што е ваш партнер во Центарот за полициска обука, како и во други значајни заложби во делот на спроведување на законите и сѐ она што значи јакнење на владеење на правото и безбедноста за граѓаните на Северна Македонија“, потенцираше Брнз, притоа упатувајќи порака дека силното партнерство во делот на безбедноста започнува со полицијата.

„Чувајте ги полициските службеници да останат мотивирани, како што биле кога влегле во службата“, порача амбасадорката Кејт Мари Брнз.

Share
Scroll to Top