Нагло зголемување на бројот на заболени во земјава на возраст од 20 до 39 години

пред 3 години

Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 28 септември до 4 октомври 2020 година, тестирани се вкупно 9.832 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-Ков-2, 1,5% повеќе во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 1.203 нови позитивни случаи од 31 град во државата, што претставува зголемување од 35,5% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=519; 43,1%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192,3 на 100.000 жители.

Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12.2% или 3% повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=239, 19,9%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=220; 18,3%), 50-59 (n=200; 16,6%), 30-39 (n=222; 18,5%) и 20-29 (n=194; 16,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=38; 3,2%) и 10-19 години (n=90; 7,5%).

Во однос на минатата недела, најголемо зголемување на бројот на новорегистрирани случаи се бележи во возрасните групи од 20 до 29 години и 30-39 години, за 60% односно 46,1%, соодветно.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1074; 89,3%), регистрирани се 142 (13,2%) хоспитализирани, а кај 280 (26,1%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број на нови случаи во периодот 28 септември – 4 октомври, 403 (37,6%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 (3%) лица со историја на патување во последни 14 дена.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 786 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување од 10% во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7,1% повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле над 60 години, а 6 лица на возраст од 50-59 години. 29 од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за Состојбата со Сovid-19 во Република Северна Македонија 28.09-04.10.2020г., како и кумулативната состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/

Share
Scroll to Top