Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оваа недела ќе ги посети европските метрополи Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена како дел од дипломатската турнеја за посета на поширокото соседство на Западниот Балкан.
Веќе од утре, Османи е во работната посета на Република Чешка, каде ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Томаш Петжичек. Во рамките на посетата, Османи ќе се сретне и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот, Андреј Бабиш.
Веќе наредниот ден (16 декември), Османи заминува за Романија на средби со својот хомолог и домаќин, министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер, Николае Чука.
Од Букуреш, Османи директно ја продолжува турнејата со работната посета на Унгарија (17 декември), каде ќе оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе оствари средби и со советниците за надворешна политика на премиерот Орбан: Јанош Бала и Јанош Мате.
По завршувањето на овие работни посети, Османи на 21 декември ќе отпатува за Виена каде ќе ја заокружи мини – турнејата на средби со својот колега, Александар Шаленберг, а превидена е и средба со Министерката за Европа во рамките на Кабинетот на Канцеларот на Република Австрија, Каролине Едштадлер.
Работните посети на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и Совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на Република Северна Македонија.
На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми врзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во Регионот, како и други актуелности од меѓународната политика.