Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа он-лајн средба со претставници на Асоцијацијата на независната културна сцена – ЈАДРО.
На средбата со претставниците на асоцијацијата, која во себе обединува 46 организации, неформални групи и поединци, се разговараше за состојбите во културата, со акцент на оние што се поврзани со независниот културен сектор.
Претставниците на асоцијацијата го запознаа претседателот Пендаровски со нивните проблеми, со активностите насочени кон обезбедување поширока видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор. Ги претставија своите видувања за правците во кои се одвиваат културните политики и ја истакнаа потребата за обезбедување на стратешка и долгорочна поддршка за независната културна сцена, како и потребата за нивна вклученост во носењето на одлуки во однос на културните политики. Особено, ја истакнаа потребата за де-бирократизација на процесите при користењето на програмите во културата.
Претседателот Пендаровски, истакнувајќи ја важноста на независната културна сцена за поттикнувањето на демократизацијата во општеството, посочи на неговите заложби за јакнење на независниот културен простор преку спроведување на релевантни развојни политики.