Пожарот во борова шума кај Црник е под контрола

Пожарот во борова шума кај Црник е под контрола

пред 2 часа

Голем шумски пожар попладнево избувна во борова шума во атарот на селото Црник, Општина Пехчево, во близина на границата со Бугарија. Пожарот зафатил голема површина, а во гаснењето биле ангажирани локални пожарникари, вработени во шумските претпријатија и доброволци.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, информира дека во моментот кога била добиена информацијата за пожарот, дел од расположливите сили од Пехчево и Берово веќе биле ангажирани на пожарот кај селото Бигла во Делчевско.

По добиената информација, дел од силите биле повлечени и упатени кон пожарот кај Црник. Во гаснењето се вклучиле Територијалната противпожарна единица од Берово, шумските претпријатија од Пехчево и Берово, како и доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Пехчево.

На барање на градоначалникот, во гаснењето интервенирале и ер-трактори, кои претходно биле ангажирани на пожарот кај Бигла. Леталата извршиле повеќе налети и исфрлиле вода врз огнената линија, со што помогнале пожарот да биде локализиран и ставен под контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на терен оцени дека станува збор за пожар во борова шума кој зафатил голема површина и предупреди дека опасноста сè уште не е целосно мината.

„Сè уште се гледа чад. Се надевам дека е добро заокружен, дека нема да побегне надвор“, рече Ангелов, посочувајќи дека пожарите во борова шума, според досегашното искуство, тешко се гаснат.

Планот е во текот на утрешниот ден пожарот целосно да биде изгаснат.

Текстот Пожарот во борова шума кај Црник е под контрола е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top