Полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Куманово, утрово во 7 часот, извршиле претрес во просториите на очното одделение при општата болница во Куманово, по претходно добиени сознанија за примање поткуп и злоупотреба на службената положба од страна на лекарката Е.С.
Како што информираат од МВР, покрај во работните простории, со обезбедена судска наредба, претрес бил извршен и во автомобил „опел астра“, паркиран во кругот на болницата.
При претресот во очното одделение на болницата, од медицинската сестра одземени биле 18.000 денари, а при претрес во возилото, сопственост на лекарката Е.С. одземени биле околу 98.000 денари.
Лекарката Е.С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово.
Имено, Е.С. се товари дека ја злоупотребила службената положба и овластување и примала поткуп од пациенти, така што правела хируршки интервенции во службени простории на општата болница во Куманово и за интервенциите противправно земала по 12.000 денари, иако пациентите се здравствено осигурени преку ФЗО и за истата интервенција би требало да платат само партиципација, но партиципација не им била наплаќана.
Парите пациентите ги давале лично на пријавената, непосредно пред да се изврши хируршката интервенција, а за што не добивале документ за платената услуга.