Разрешувањето на Коцевски ќе продолжи од ноември поради изборите, и да даде оставка, Владата е во лавиринт, вели Мицкоски

Разрешувањето на Коцевски ќе продолжи од ноември поради изборите, и да даде оставка, Владата е во лавиринт, вели Мицкоски

пред 1 ден

Од ноември Владата ќе продолжи со процесот за разрешување на државниот обвинител онаму каде што застана, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Бариера за процесот е распишувањето на изборите за што премиерот вели дека ќе се случи до крајот на следната недела, па очекува во следниот период Коцевски да се однесува исто како и членовите на Судскиот совет, на кои Собранието, исто како и на обвинителот, му изгласа недоверба.

„Така се случи и со Судскиот совет, пратениците изгласаа недоверба, Судскиот совет си остана таму. Секој месец си уживаат во привилегиите тие на кои им е изгласана недоверба. Во некои неврзани кулоарски разговори некои од нив велат – видете, мене партијата таму ме поставила, додека тие не ме отповикаат, ние не си одиме од таму или, пак, кога ќе им дојде редоследот, а знаете кои беа партиите што беа на власт. Не знам дали е вистина, но такви информации допираат до мене. Факт е дека оние што ги избрале им изгласаа недоверба, а тие не си заминуваат, остануваат таму. Истото чувство е, претпоставувам, и за јавниот обвинител бидејќи ја слушав неговата изјава“, вели премиерот Мицкоски.

Тој очекува Собранието да ги распише изборите до крајот на следната недела и да запрат именувањата и назначувањата.

„Сега ние и да сакаме да преземеме нешто не можеме бидејќи влегуваме во процес на распишани избори, односно од онаа информација што вчера ја добив од Собранието, најверојатно, изборите ќе се распишат на крајот на следната недела. Сите оние процеси, како што се изборите и именувањата и слично, поради ограничувањата на законот, ќе бидат практично стопирани, така што од ноември ние ќе продолжиме со овој процес онаму каде што застанавме“, рече премиерот Мицкоски.

Нов обвинител нема да биде избран до ноември, дури и во случај Коцевски да си поднесе оставка.

„Ако се охрабри и даде оставка, повторно влегуваме во еден лавиринт, во кој ние не можеме да бираме поради ограничувањата што ги имаме. Ние можеме да избереме, но ќе биде спротивно на законот. Затоа таму има заменици, тие заменици ќе ја заменуваат работата на главниот обвините сѐ додека не биде избран нов. Истото ова важи и за другите институции, не само за јавниот обвинител, кои евентуално би останале без прв човек во оваа институција“, вели Мицкоски.

Со 71 глас „за“ пред три дена, по предлог на партијата Левица, Собранието му изгласа недоверба на државниот обвинител Љупчо Коцевски поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство – Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.

Текстот Разрешувањето на Коцевски ќе продолжи од ноември поради изборите, и да даде оставка, Владата е во лавиринт, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top