Синдикатите задоволни од решението за минималната плата, очекуваат зголемување на продуктивноста на работниците

пред 3 години

Сојузот на синдикатите на Македонија изразува задоволство од постигнатиот резултат на преговорите со социјалните партнери водени во врска со предлогот за измени и дополнување на Законот за минимална плата во насока на утврдување на минимална плата во износ од 18.000 денари.

„Сојузот на синдикатите на Македонија својот предлог го темелеше на стручни економски анализи, а воедно беше покажана огромна одлучност од нашето членство и на тој начин се постигна успех кој што ќе биде пример и за други европски земји поради тоа што висината на минималната плата од 62 отсто е највисокиот износ на минимална плата и за европски услови во споредба со просечната плата“, велат синдикатите.

Од Сојузот додаваат дека Владата предводена од СДСМ и коалицијата за цело време на траење на процесот на социјалниот дијалог покажала дека ги препознава аргументите и анализите на ССМ за зголемување на минималната плата и останатите плати и застанала рамо до рамо со работниците за нивните егзистенцијални потреби особено во оваа ковид, економска и енергетска кризна година.

„Работодавачите се наш социјален партнер и досега проблемите сме ги разрешувале по пат на социјален дијалог, а со покачувањето на минималната плата нема да бидат оштетени, напротив научните истражувања покажуваат дека со покачувањето на минималната плата ќе дојде до зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемување на производството во компаниите, нешто на што заеднички ќе работиме, а на тој начин ќе се создадат балансирани односи помеѓу трудот и капиталот што е неопходен услов за развој на економијата и општеството“, се додава во соопштението на ССМ.

Share
Scroll to Top