Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија

пред 6 часа

На Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија – СЗДМ со кои разговараше за главните проблеми и предизвици со коишто се соочуваат.

Тие ја запознаа со личната карта на организацијата, којашто застапува 23 здруженија од земјава посветени на превенцијата од дијабетес, како и грижата и заложбите за унапредување на квалитетот на животот на дијабетичарите.

Имајќи предвид дека во државава се регистрирани 142 илјади пациенти, од кои 42 илјади се на инсулинска терапија, соговорниците се согласија дека е неопходно итно спроведување на современи превентивни, континуирани и квалитетни програми, со коишто не само што се штитат нивното здравје и живот, туку рапидно се намалуваат трошоците.

Претставниците на Сојузот ја запознаа претседателката со приоритетите во борбата со оваа опака болест како што се: потребата за добивање на сензори, oдносно CGM системи за секое лице со Тип1 дијабет. Тие ја посочија и нужноста од достапност на современата инсулинска и анти-дијабетна терапија, од превентивни прегледи низ државата, како и од создавање отворен пазар за медицинските помагала – ленти и гликомери, како предуслов за конкуренција и подобар квалитет, со оглед на досегашните тешки, а напати и ризични искуства.

Претседателката беше информирана и за соработката на СЗДМ со надлежните институции, како и за активностите во рамки на Меѓународната дијабетес федерација во којашто членуваат 251 национални организации од 158 земји во светот каде што се бележи растечки тренд на новодијагностицирани.

Укажувајќи на важноста од подигнување на свеста за здравствената закана што ја носи дијабетесот, Сиљановска-Давкова изрази целосна поддршка за напорите на Сојузот и ја истакна важноста да се изнајдат системски решенија што конкретно ќе придонесат во обезбедувањето на поквалитетен живот за лицата со дијабетес во државава.

Текстот Сиљановска-Давкова прими претставници на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top