Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ порача дека двете држави се „извонреден пример на регионално добрососедство“ и дека средбата дополнително ја зацврстува довербата меѓу нив.
Таа истакна дека посетата се случува во пресрет на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави, но и 20 години од добивањето на кандидатскиот статус на земјава за Европската Унија.
Сиљановска-Давкова како нов и важен момент од средбата го издвои потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Младинските совети, оценувајќи дека очекува тој да внесе „свежина и креативност“ во односите меѓу двете земји.
Осврнувајќи се на економската соработка, таа рече дека трговската размена од 61,8 милиони долари е скромна и оти има простор за нејзино зголемување, особено во градежништвото, туризмот и енергетиката. Притоа ја посочи и можноста за повторно отворање на авиолинијата Подгорица-Скопје или Тиват-Скопје.
„Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион, интегриран во Европската Унија“, рече претседателката, додавајќи дека го поздравува и го поддржува одржувањето на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Црна Гора.
Во обраќањето, таа повторно се осврна и на македонскиот евроинтегративен пат, нагласувајќи дека чекорењето кон ЕУ треба да биде во рамките на Копенхашките критериуми и „европското уставно право“.
„Инсистирам на еднакви стандарди“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа ја спомена и изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Софија, велејќи дека ново за земјава е прашањето за потребата од гаранции, со оглед на можноста да се појават нови услови надвор од Копенхашките критериуми и надвор од основниот документ на Унијата.
Претседателката се осврна и на барањето на Вајц до Правната служба на Европскиот совет околу толкувањето на природата на протоколот, односно записникот што станал интегрален дел на преговарачката рамка и на заклучоците, оценувајќи дека тоа барање е задоцнето, но дека секоја правна интерпретација е добра.
Во завршницата, Сиљановска-Давкова изрази жалење за откажувањето на самитот Брдо-Бриони и порача дека регионалната соработка е обврска, но и право, а меѓусебната поддршка на земјите од Западниот Балкан е императив.
„Меѓусебното разбирање побрзо ќе нè одведе до Европската Унија. Обратно, ако нема спремност меѓу нас да се разбереме, да се почитуваме и да се поддржуваме, тогаш сами си го отежнуваме патот кон Европската Унија“, рече таа.
Текстот Сиљановска-Давкова со Милатовиќ: Скопје и Подгорица се пример за добрососедство, ЕУ патот мора да биде по еднакви стандарди е превземен од МАКФАКС.





