Министерството за внатрешни работи ја поздравува и поддржува предлог иницијативата за осмислување и фундирање на нов безбедносен концепт наменет за потребите на нашиот Законодавен дом, рече министерот Оливер Спасовски во своето денешно воведно обраќање на работилницата посветена на предлог иницијативата на тема – „Независна безбедносна служба на Собранието на Република Северна Македонија“.
На настанот на кој свои воведни излагања имаа претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претставници од други релевантни институции и амбасади, министерот Спасовски потенцираше:
„На етаблирањето на посебна безбедносна служба на Собранието на Република Северна Македонија гледаме како на одлична можност – и во тој сегмент на безбедносно работење – да направиме значаен и квалитетен исчекор фундирајќи принципи, правила и стандарди што ќе бидат од корист на Парламентот како институција, во доменот на неговата внатрешна и надворешна безбедност, на неговото непречено и сигурно функционирање, и се разбира во поглед на отвореност и достапност на граѓаните“.
Притоа, министерот нагласи дека МВР со својата стручна експертиза, но и конкретни организационо-професионални потенцијали стои на располагање во заедничкото конципирање на оваа идеја, дотолку повеќе што практични искуства, анализи, а секако и – законски надлежности и обврски на министерството нужно му ја наметнуваат улогата на незаобиколен институционален фактор во осмислувањето, градењето и функционирањето на посебна собраниска безбедносна служба.