Државниот јавен обвинител извести дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот.
„Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување“, стои во писменото известување.
Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата, информираа од Jавното oбвинителство.
„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство“, е наведено во писмениот допис.
Пратката, велат од оваа институција, ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката.
Јавниот обвинител ја става на увид на јавноста содржината на писмената пратка која ја доби на 26.1.2022.