Тупанчевски призна дека не платил за чартер летот и влезницата за фудбалскиот натпревар во Порто

пред 3 години

Министерот за правда, Никола Тупанчески за „А1он“ призна дека не ја платил картата за чартер-летот и влезот на стадионот во Палермо. Фактурата за аранжманот односно сместувањето ја платил откако целата јавност го виде на трибините односно по четири денови од одржувањето на натпреварот. И покрај ова признание, тој и натаму тврди дека не го прекршил Етичкиот кодекс во кој има ограничувања до која вредност може да се примаат подароци, но и под кои услови.

„ Чартер летот не е вклучен, воопшто не е вклучен, затоа што, и да сакате да биде вклучен чартер летот, тој не може да биде вклучен. Постои начин на организација на патувањето. Начинот или селекцијата на луѓето кои што патуваат треба да биде направен од страна на луѓето кои го организираат патувањето. Јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости, кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата. Дури морам да ви кажам дека и овој дел кој што е платен, е платен на мое инсистирање бидејќи мислев дека така треба да биде“, вели Тупанчески за „А1он“.

На посочувањето дека ова значи дека не ја платил ниту ВИП-картата и ја добил на поклон , тој за „А1он“ рече: „Ајде уште еднаш, зборуваме за процедура која што однапред е утврдена од страна на Фудбалската федерација. Тие имаат клуч на кој начин што ги добиваат. Картата која јас ја имав добиено гласи на мое име и е 00 евра. Дали ме разбирате? Практично и да сакате, има и за тоа доказ, дека практично картата е без цена“.

Прашан која е цената на летот, бидејќи ја цената на картата, рече: „Цената на летот, тоа беше чартер лет, организиран за сите гости на Фудбалската федерација, кои што беа“.

Од давачки за патувањето, платил аранжман на агенцијата „Гуливер“ исто како и обвинителката Фатиме Фетаи. Не ја покажа фактурата, ниту доказ за исплатата, но тврди дека ја подмирил на 28. март, односно изби аферата за него и се врати од Палермо.

„ Фактурата е подмирена. Ја достави агенцијата која го организираше патувањето. Фактурата е подмирена во рокот кога е дадена за подмирување. Дадена е пред патувањето, подмирена е во рокот кој е наведен во фактурата. Нека биде ексклузивно тоа на 24. е доставена пред натпреварот, а тој беше на 25. Подмирена е на 28. а рокот е до наредниот четврток“, кажа Тупанчески за „А1он“.

На нашата констатација дека фактурата е подмирена откако изби аферата, Тупанчески наспроти првичното тврдење дека рокот за плаќање до наредниот четврток, сега кажа дека имал рок од 7 дена. Тоа би значело дека фактурата требало ја плати до минатиот четврток, а не до идниот четврток.

„ Не. Фактурата е доставена на 24. и има 7 дена за нејзино плаќање“. Кога одново му потенциравме дека фактурата е подмирена откако медиумите, како и јавноста, видоа на телевизија како навива од трибините, министерот вели: „Не, не. Таа ќе беше подминрена без оглед дали медиумите и така натаму. Претпоставувам дека знаете дека постои можност, практично агенциите кога го организираат патувањето, даваат рок, за тоа кога треба да биде подмирена исплатата кон агенцијата“.

Тупанчески посочува дека сите детали за тоа колку пари и за кои услуги платил, доставил и до Владата, која исто така врши проверки.

„Сите информации кои што треба да бидат доставени до институциите кај што треба, веќе се доставени. Ќе можете да видите, тоа ќе е од транспарентен карактер. Нема никаков проблем, нема нешто што треба да се крие или да биде зад кулисно. Веќе еднаш реков, мислам дека комуникацијата со новинарите треба да биде на едно поразлично ниво, апсолутно нема што да се крие, доставени се до институциите, во оној момент кога беа побарани, фактички не истиот туку наредниот ден беа доставени. Тоа е архивски евидентирано“, додава Тупанчески.

И покрај ова признание, дека не го платил летот, ниту картата, тој тврди дека не го прекршил Етичкиот кодекс.

„ Во едно интервју, до сега второ интервју или трето каде го кажувам својот став, кажувам дека апсолутно ниту една одредба од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата не е повредено. Не се потрошени буџетски пари, нема обезбедување, не е употребено службено возило и не е злоупотребена патната исправа за добивање на некакви привилегии. И уште нешто, ако предирате на членот 17 дека станува збор за подарок, донација и така натаму, сето тоа има уште една додавка и ќе мора да се биде коректен во толкувањето на нормата. Тоа треба да биде поврзано со вршењето на функцијата. Дали се разбираме? Тоа е целата одредба, подарокот, донацијата, секогаш треба да биде поврзан или да биде контектиран со вршењето на функцијата. Така е целата одредба. Не е повредена ниту една норма. Актот кој што ја уредува оваа проблематика или оваа материја е тоа како што предмалку споменав, тоа е Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата. Ниту членот 17, ниту членот 19 се во ниту еден дел од одредбата не се повредени. Тоа е личен став, кој што знаете дека таа проблематика посебно ја следам“, рече Тупанчески.

Тој додаде дека е подготвен да се соочи со последиците кои би произлегле ако го прекршил Етичкиот кодекс.

„ Мислам дека треба да се оди во таа насока, стојам зад она што сум го направил, меѓутоа личниот став е консеквентен и натаму останува дека навистина ниту една одредба не е повредена. Тука се институциите, се разбира дека сум соочен секогаш со консеквенците кои што би произлегле од евентуалната повреда на етичката норма. Околу транспарентноста, секогаш сум бил транспаретен во оној сегмент кога станува збор како професор, меѓутоа, дефитивно, ова е сосема нов статус и на некој начин подразбира малку поинаков однос кон новинарите. Апсолутно немам што да кријам, она што ви го кажав, стојам зад сите тие работи. Секогаш сте добредојдени за било каква изјава“, додаде тој.

Share
Scroll to Top