Царовска и Шахпаска: Сите деца имаат право на топол дом и образование

пред 4 години

Министерките за образование и наука и за труд и социјална политика Мила Царовска и Јагода Шахпаска ги презентираа македонските искуства во деинституционализацијата на грижата за деца на онлајн тркалезната маса организирана од УНИЦЕФ и Министерството за образование на Белорусија. Учеството на претставници на Република Северна Македонија, на покана на УНИЦЕФ, е одраз на позитивната оценка за нашиот модел на трансформација на грижата за децата – од систем заснован на безлични и гломазни институции, кон грижа во семејство или во средина налик на семејната. Северна Македонија е една од ретките земји во регионот и во Европа во која ниту едно дете под 18 години не е сместено во институција за долгорочно сместување.

Министерката за образование и наука Царовска посочи дека реформите во образовниот систем ја гарантираат инклузијата на сите деца во образованието.

„Во тек е трансформацијата на посебните училишта во национални, односно регионални центри кои ќе нудат стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно- образовниот кадар во редовните училиштата. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација, ќе ја обезбедуваат образовната/ личната асистенција, ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, согласно со препораките на стручното тело за функционална проценка“, рече министерката Царовска.

Од следната учебна година секое дете со попреченост пред влезот во образовниот систем ќе оди на проценка на функционалноста за да се определи поддршката што детето треба да ја добие во образовниот систем – образовен/личен асистент, поддршка од други стручни работници, адаптација на просторот, односно разумно прилагодување на училишната средина, укажа Царовска.

Во текот на наредната учебна година услугите кои се наменети за децата да имаат еднаков влез во образовниот систем ќе бидат комплетно финансирани преку системот за образование.

Министерката Шахпаска истакна дека деинституционализацијата е процес на трансформација на целото општество.
„Да, преселбата на корисниците од големите резиденцијални институции е исклучително важен, но е само еден чекор. Клучниот предизвик е да осигураме секое дете да расте во семејна средина и целосно да учествува во сопствената заедница – онаму кадешто припаѓа, кадешто е најсилно и најбезбедно“, нагласи министерката Шахпаска.

Share
Scroll to Top