Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до јуни 2023 година, како и Индексот на рационалност, каде што се споредени цените по кои разни институции набавувале сосема ист производ или услуга, во случајов услуги за заловување и стручен третман на кучињата скитници.
Клучните наоди од мониторингот и од Индексот на рационалност вклучуваат:
– секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Со вакво отсуство на конкуренција склучени се договори во вкупна вредност од 283 милиони евра;
– се намалува просечниот број на понуди во јавните набавки, кој во мониторираниот период падна на 2,8, наспроти 3, колку што изнесуваше во 2022 година. Отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството;
– одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени, што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата. Ова главно се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите;
– во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите;
– во нетранспарентната постапка со преговарање, без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од речиси 11 милиони евра. Дури 91 % од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД „Електрани“;
– истражувањето на цените на тендерите за третман на кучиња покажува многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда од тендер. За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“, највисоката цена е 244 % повисока од просечната, а за друга услуга, „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена е 12,5 пати повисока од најниската.
Текстот ЦГК: За половина година, во постапки за јавни набавки само со една понуда склучени се договори вредни 283 милиони евра е превземен од МАКФАКС.