Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со заменик амбасадорката на Велика Британија во земјава, Џулија Смит, претставничката на УНИЦЕФ во државата, Патриција ди Џовани и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваа на презентација на „Програмата за социјална кохезија и културен дијалог“, во детската градинка „Кочо Рацин“ во Скопје.
Препознавајќи ја важноста на раното учење и развој, Министерството за труд и социјална политика започна реформа на секторот за ран детски развој со цел да се зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјата. Во соработка со УНИЦЕФ и Британската влада се овозможи поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.
„Социо-емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за целокупниот понатамошен развој на личноста и има огромно влијание за квалитетот на живот на секоја индивидуа. Како ресорно министерство во континуитет работиме на зајакнување на компетенциите на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование“, рече Шахпаска.
Според надлежните, менторската поддршка од страна на воспитувачите за колегијална поддршка кон останатиот воспитен кадар има големо значење. Таа им помага на останатите воспитувачи во совладувањето на социо-емоционални стратегии базирани на истражувања кои имаат за цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца.
Програмата, според ресорното министерство, вклучува и развој на професионални компетенции кај воспитувачите, во соработка со професори од сите наставнички факултети. Преку интезивни 4-месечни процеси на предавања, средби и колегијална поддршка, вклучени беа 71 градинка, 192 активни воспитувачки за колегијална поддршка,1366 воспитувачки, 102 претставници на стручната служба и 47 директори.
На презентацијата покрај воспитниот и стручен кадар од градинката присуствуваа и родители и деца, со цел на интерактивен начин им се приближат неопходните алатки за социо-емоционален развој на децата. Бидејќи програмата предвидува и вклучување на семејствата во целиот процес со што децата ќе продолжат наученото во градинка да го практикуваат и дома, информираат од министерството.