По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, одговорен за трагедијата од 23 ноември, донесена е одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа во четврток, 2 декември, информира министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Владата на Р. Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Република Бугарија додека од меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3.12, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Останувам во блиска комуникација со семејствата за останатите детали а јавноста ќе биде информирана навремено“, напиша Османи на неговиот Фејсбук профил.