Алиу: Има напредок во третманот за предвремено родените бебиња во Македонија

Алиу: Има напредок во третманот за предвремено родените бебиња во Македонија

пред 4 часа

Светскиот ден на предвременото породување, кој се одбележува на 17 ноември, годинава доби историско признание од Светската здравствена организација(СЗО) која официјално го додаде овој датум на својот календар. Ова глобално признавање ја нагласува итната потреба предвременото раѓање да се третира како приоритет на јавното здравје. Главна движечка сила зад ова достигнување е Дорис Молел, основач на фондацијата „Doris Mollel“ од Танзанија.

Годинашната кампања на Глобалната фондација за грижа на новороденчиња (GFCNI) се одвива под слоганот: „Да им дадеме силен почеток на предвремено родените бебиња за посветла иднина“, инспириран од темата на СЗО „Здрави почетоци, надеж за иднината“. Пораката до владите, здравствените системи и заедниците е дека секое предвремено родено бебе треба да ја добие неопходната грижа и шанса да преживее и да напредува.

Организацијата Лулка, заедно со партнерите ширум светот, работи на обединување на семејствата, здравствените работници, креаторите на политики и компаниите за да се создадат решенија што ќе им овозможат на предвремено родените бебиња не само да преживеат, туку и да растат и да се развиваат. Целта е да се подигне свеста за предвременото породување и да се поттикне отворена и континуирана комуникација меѓу сите клучни фактори.

Клучни цели за Светскиот ден на предвременото породување за 2025 се: да се приоритизира предвременото раѓање во националните здравствени политики, во согласност со признавањето на овој ден од СЗО; да се обезбеди еднаков пристап до навремена, стручна и квалитетна нега за предвремено родените бебиња и поддршка за нивните семејства и да се поттикнат инвестиции во здравството и во благосостојбата на овие деца како основа за поздрави и поотпорни општества.

Во Македонија, приоритетите вклучуваат подигнување на јавната свест за значењето на навремен и стручен третман на предвремено родените бебиња и охрабрување на соработката помеѓу семејствата, здравствените работници, компаниите и здравствените власти како креатори на политики.

Во пресрет на 17 ноември, Лулка преку серија интервјуа ги отвори во јавноста темите за предвременото породување, искуствата на семејствата и предизвиците во системот.

Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за Лулка, оценува дека постои значителен напредок во третманот и преживувањето на предвремено родените бебиња во Македонија во последните години.

„Трендот е позитивен и укажува на одржлив ефект, пред сè поради координирани инвестиции и стратешки подобрувања во системот на здравствена заштита. Сепак, за одржливоста е неопходно да се продолжи со инвестициите, особено во опремата за интензивната нега и обезбедувањето доволно медицински кадар. Овие елементи се клучни за одржување и дополнително подобрување на постигнатите високи стандарди“, вели министерот Алиу.

Д-р Денис Ал Кхалили, претседателот на Лулка, во интервју зборува за значењето на Светскиот ден на предвременото породување, за успесите, предизвиците и приоритетите во неонаталната нега во Македонија.

„Состојбата со неонатологијата во Македонија бележи огромен напредок, документиран и во извештаите на СЗО – благодарение на подобрената опрема, обучениот медицински кадар и унапредената комуникација со трудниците и родителите“, вели д-р Ал Кхалили.

Во серијалот на интервјуа објавени за одбележување на Светскиот ден на предвремено родените деца, д-р Силвана Наунова Тимовска, еминентен неонатолог и претседател на Здружението на неонатолози на Македонија, дава свој професионален и личен осврт на предизвиците, напредокот и идните насоки во неонаталната нега, како и на значењето на заедништвото меѓу семејствата, медицинските професионалци и институциите.

„Најголемите предизвици со кои се соочуваме во Македонија се недостаток на опрема и кадар, потреба од континуирана едукација и усогласување со современите стандарди. И покрај тоа, благодарение на мултидисциплинираниот пристап, подобрената опрема, современите протоколи и зголемената експертиза, денес преживуваат и бебиња родени со екстремно мала гестациска возраст“, вели д-р Наунова Тимовска.

Светскиот ден на предвременото породување првпат беше одбележан во 2008 година, по иницијатива на Европската фондација за грижа на новороденчиња (EFCNI) – денес Глобална фондација за грижа на новороденчиња (GFCNI) – и партнерските организации, меѓу кои и Лулка. Денес, овој ден обединува мрежа од повеќе од 100 земји, со стотици настани и кампании, а бројни објекти и знаменитости ширум светот се осветлуваат во виолетово – официјалната боја на овој ден.

Текстот Алиу: Има напредок во третманот за предвремено родените бебиња во Македонија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top