Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, бара од граѓаните да го остават Главниот штаб да си ја врши работата, што доаѓа по низата сугестии и барања за интервенции со хеликоптери за брзо гаснење на пожарите.
Ангелов вели дека имаат помош од граѓаните, но товарот за гаснење паѓа кај државните институции.
„Апелирам до граѓаните, убаво е да апелираат и да делат совети, но да остават на Главниот штаб да си ја врши својата работа. Бидејќи постојано сме предмет на критики од страна на опозицијата, поканувам претставник на Комисијата за одбрана во Собранието да дојде и да присуствува на седниците на главниот штаб. Отворена покана до ВМРО-ДПМНЕ, нивни претставник од Комисијата да дојде да присуствува и одблиску да ја набљудува работата на главниот штаб. Можеби тоа ќе помогне за да сфатат дека работата не е стихијна, дека имаме целосна контрола“, вели Ангелов.
Тој кажа дека не е точно дека секаде локалното население ги гасне пожарите, но дека имаат своја улога во помошта.
„Гори Балканот, не гори само Македонија. Пожарите во Турција, од вчера, завчера и во Грција се страшни. Пожари имаме насекаде, причините ги знаете. Во овој момент треба да се солидализираме и сите заедно, секој колку што може да помогне да се изгаснат пожарите. Клучниот товар паѓа на претставниците на институциите. Хеликоптерите имаат голема улога особено на непристапните терени, како и сите други субјекти во системот за управување со кризи. Безмалку на сите места, локалните жители помагаат во гаснењето на пожарот, односно, си го бранат своето, пожарот да не ги изгори нивните ниви, шуми, куќи. Неточни се тврдењата дека било каде, локалното население го изгаснало било кој пожар. Да, тие помагаат. Ние сме им благодарни, бидејќи немаат опрема и обука, но имаат срце, храброст и љубов“, додава Ангелов.