„Го имаме пред нас извештајот за извршување на Буџетот, и овој извештај ја дава сликата за пустош кој СДСМ го остава во институциите. А, во овој случај сликата за пустошот кој е оставен во Градот Скопје. И ова е поразителна слика на четири изгубени години и 6 потрошени буџети, и можеби го гледаме само крајот од таа приказна, крајот од таа поразена слика“, истакна Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на денешната седница.
Андоновски додаде дека има чувство дека на претходниот градоначалник никој не сака да се сеќава, ниту да го спомне. Претходниот градоначалник, како што рече е како некое торнадо кое што избришало се од градот и поради тоа граѓаните на Скопје не сакаат на него да се сеќаваат.
„Сепак добро е да видиме што таа администрација има оставено во Градот Скопје и од што се почнува. Затоа што многу е лесно да критикуваме проекти, да бараме објаснувања за некои нови проекти кои што се реализираат или не се реализираат, за долгови кои што ги има или не ги има, но треба да ја знаеме стартната позиција. И за првпат, ова е првиот извештај кој што таа стартна позиција многу чисто ни ја покажува“, појасни Андоновски.
„И највнимателните идеалисти и најголемите поддржувачи на претходниот градоначалник во овој извештај нема да го видат она што беа неговите најкрупни ветувања. Во овој извештај нема средства потрошени за Луна парк кој што беше најавуван шест години. Во овој извештај нема фонд за талентирани средношколци и спортисти иако бил предвиден, планиран, дека средношколци и спортисти ќе бидат финансирани. Во овој извештај ги нема парите од Градската куќа, никаде не може да ги најдете каде се потрошени парите кои што се добиени од продажбата на Градската куќа. Инаку за оние кои што не знаат тоа е домот во кој што требаше да биде сместен Град Скопје, изграден, проектиран, скоро пуштен на употреба о претходниот градоначалник до 2017-та година. Но во четири години единствено што овој градоначалник успеа да го продаде, а никаде да ги видиме средствата“, рече Андоновски.
Укажа дека има нула денари реализација на капитални инвестиции во градежни работи. Нула денари, според него исто така има и за Форумот на жени претприемачи нешто што сега се менува. Има нула денари потрошени за Парк Шума на Водно од предвидени 15 милиони денари во делот на Комунални работи.
„Но има интересна работа која што можете да ја видите, на пример во една од ставките има потрошено 6.000 денари за комунални проекти, но во исто време има 2.000 евра на проектирање на нови проекти, а 70.000 евра на веб сајт. Веб сајт кој што никогаш реално не профункционира. Значи 6.000 денари, 100 евра на комунални проекти, но 70.000 евра на веб сајт кој што никогаш не профункционира“, нагласи Андоновски.