Бектеши: Во буџетот има повеќе средства за капитални инвестиции, обновливи извори на енергија и домашниот туризам

пред 2 години

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата го презентираше Предлог-буџетот на Министерството за економија за 2022 година.

Министерот се осврна на проектите коишто е предвидено да ги реализира Министерството за економија следната година.

„Како резултат на пандемијата која предизвика здравствено-економска криза во целиот свет и кај нас минатите две години моравме да ги промениме приоритетите и најголем дел од Буџетот на Министерството за економија беше насочен кон поддршка на најпогодените сектори и најпогодените граѓани од пандемијата. Мерките коишто се реализираа низ шест пакети кризни мерки кои го донесовме и кои во голем дел се реализираа преку Министерството за економија го дадоа посакуваниот резултат. Морам да кажам и дека почнувајќи од вториот квартал годинава нашата економија оди во нагорен правец. Следната 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека главна карактеристика на целиот Буџет на државата е развојната компонента, со што се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзаниот, инклузивен и одржлив економски развој. Покрај тоа, како што истакна Бектеши, планирани се повисоки средства за капитални инвестиции, како и активности за подобра ефикасност и ефективност во нивното користење.

Буџетот на Министерството за економија за 2022 година е предвидено да изнесува 1,24 милијарди денари. Од овие средства 151 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените. За капитални расходи се предвидени 733 милиони денари што е за скоро четири пати повеќе споредено со 2021 година, а 214 милиони денари за субвенции.

Во програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност за 2022 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 80 милиони денари, што е за 30 милиони денари повеќе споредено со средствата предвидени во 2021 година.

И оваа година Министерството за економија ќе покрива дел од трошоците за: Купени и вградени сончеви термални колектори во домаќинствата, за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата, купување на печки на пелети во домаќинствата, дополнителни средства оваа година се наменети и за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија со оглед на фактот што забрзано се градат фотоволтаичните централи на приватно земјиште за што во изминатите две години беа објавени два огласи од страна на Министерството за економија, а дел од нив се веќе и пуштени во употреба.

За развојот на туризмот, промоција на Северна Македонија на светската туристичка мапа и поддршка на домашниот туризам следната година се предвидени 38.500.000 денари.

Во овој дел подолжуваат мерките за:  поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, субвенции за туристички цели на селски домаќинства, поддршка на активен туризам, субвенции за дигитализација на туристичкиот сектор.

Следната 2022 година тројно е зголемен буџетот на Министерството за економија за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 20,8 милиони денари и најголем дел од овие средства или 9 милиони денари се предвидени за имплементација на активности за паметна специјализација.

Во 2022 година зголемен е и буџетот за поддршка на претприемништвото, за што се предвидени вкупно 62,3 милиони денари, додека во 2020 година беа предвидени за оваа намена 50 милиони денари.

За поддршка на претприемништвото во 2022 година ќе биде обезбедена финансиска поддршка за: мерки за поддршка на претприемништвото и мали и средни претпријатија, кофинансирање на проекти за занаетчиски комори и развој и промоција на занаетчиството.

„Со цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата како и намалување на загадувањето на воздухот што е еден од нашите приоритети и оваа година продолжуваме со мерката за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. За оваа мерка се предвидени 11 милиони денари“, рече Бектеши.

Во Буџетот на Министерството за економија за 2022 година за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 625 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда. Ова е неколкукратно зголемување споредено со минатата година кога за оваа намена беа одвоени 140 милиони денари.

Со овие 625 милиони денари предвидени се меѓу другото: Проект за реализација на гасификација на Република Северна Македонија – фаза 1; Пуштање во употреба на магистрален гасовод во Република Северна Македонија – Делници Клечовце- Неготино (Кавадарци), Неготино (Кавадарци) – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Предвидени се и идни проекти за изградба национален гасоводен систем; Интерконективни гасоводи со соседните држави; Меѓународни проекти за гасификација и регионална соработка.

Со предложениот буџет за 2022 година се обезбедува и поддршка и развој на малите и средни претпријатија, подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентноста, поддршка и развој на енергетиката, поддршка на туризмот и угостителството, раст на инвестициите во енергетскиот сектор, зголемување на користењето на природниот гас и искористување на сончевата енергија во домаќинствата.

Share
Scroll to Top