Бектеши: Обезбедени 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства кои ќе добиваат намалени сметки за струја

пред 3 години

Обезбедени се 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи кои ќе добиваат намалени сметки за струја, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој на прес-конференција во Владата информираше за Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година која што беше усвоена од Владата.

Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за прв пат воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон, истакна Бектеши.

„Согласно програмата за која се предвидени 60 милиони денари, односно еден милион евра, финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа: за самец до 15.194 денари, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство до три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари, и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 30.000 денари.
Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена и за домаќинство со пет члена и повеќе члена, се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето“, е наведено во официјалното сопштение.

Вупната финансиска поддршка од 60 милиони евра ќе биде распределена на следниот начин: 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за самци, 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со два члена, 10% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со три членови, 50% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со четири членови, 20% од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства со пет и повеќе членови. Врз основа на тоа, се проценува дека над 7.000 домаќинства ќе го остварат правото на финансиска поддршка, во времетраење од 12 месеци, информираат од Министерството за економија.

За реализација на програмата Министерството за економија следниот месец (јануари 2022) ќе распише јавен оглас, а доделувањето на финансиската поддршка ќе се врши по принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година во секоја од категориите се до исцрпување на предвидените средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година за оваа намена.

Податоците од решенијата во електронска форма, министерството ги доставува до универзалниот снабдувач со електрична енергија на месечна основа за сите корисници на финансиска поддршка и врз основа на овие податоци, универзалниот снабдувач ќе доставува сметки за електрична енергија со намален износ, како што е утврдено во решенијата за секој корисник.

Доколку корисникот на финансиска поддршка не плати последователно две сметки, на предлог на Комисијата министерот донесува решение со кое се укинува решението за стекнување на финансиска поддршка и за истото се известува универзалниот снабдувач.

Бектеши потсети дека на претходната седница на Владата биле донесени измени на Уредбата за кризна состојба во енергетскиот сектор со што се овозможува во услови на кризна состојба ЕВН ХОМЕ да не набавува електрична енергија од повластените производители на електрична енергија коишто користат обновливи извори на енергија со што, како што дообјасни, се намалуваат трошоците за набавка на електричната енергија на ЕВН ХОМЕ затоа што енергијата наместо од повластените производители ќе се обезбеди преку АД ЕСМ Скопје по пониски цени од цените на повластените производители коишто произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи.

„Имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините на електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите останати снабдувачи и трговци. Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците, и тие ќе имаат финансиска корист затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар“, кажа Бектеши.

Сакам да ги уверам граѓаните, додаде тој, дека рестрикции на електрична енергија нема да има.

Share
Scroll to Top