Бочварски: Оваа година завршува изградбата на магистралниот гасовод во Скопје

пред 4 години

Оваа година завршува изградбата на магистралните гасоводи од Скопје до Гостивар и од Неготино до Битола, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, додавајќи дека ова ќе овозможи поврзување на преносниот систем на гас.

Бочварски заедно со директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи, извршија увид во изградба на магистралниот гасовод Скопје-Тетово Гостивар.

Министерот за транспорт најави дека ќе следат нови проекти за интерконекциско поврзување со Грција, Косово и Србија.

Делницата е инвестиција од 29 милиони евра, а досега изградени се околу 80 проценти од трасата или заварени се 53 километри цевки од вкупно 86 километри колку што изнесува вкупната должина на овој проект.

Министерот Бочварски го потенцираше огромното значење на гасификацијата на државата од апсект на заздравување на економијата, намалување на аерозагадувањето како и поевтин енергенс за граѓаните и компаниите.

“Ги користиме сите технички и човечки ресурси за да може што поскоро да ги завршиме започнатите магистрални делници а воедно да отпочнеме и нови проекти за гасификација на територијата на цела држава. Значењето на гасот е силно потенцирано и од граѓаните. Ние цврсто стоиме на нашите определби гасот да го доведеме до сите корисниици. Очекувам оваа делница да биде завршена годинава, имаме чист терен за работа а изградбата се одвива со добра динамика. Исто така и магистралниот гасовод од Неготино до Битола е во завршна фаза и тој ќе биде оперативен оваа година“, истакна Бочварски.

Во однос на новите проекти, Бочварски рече дека се планира да се отпочне со постaпки за изгрaдба на делницата од Неготино до Гевгелија и да се поврземе со конекторот со Грција, за да во идната фаза се отпочне со два нови магистрални делници од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево.

Директорот на Национални Енергетски Ресурси, Бајрам Реџепи истакна дека со завршување на овој проект оваа година, цел Полошки регион и западниот дел од Скопје ќе имаат пристап до преносниот систем на гас.

“Надминати се сите состојби со експропријација на земјиштето, најтешките предели се изградени, добрата вест е дека полесниот дел од трасата оваа година ќе се заврши вклучувајќи ги двете мерно регулациони станици и седумте блок станици. Со тоа ќе се овозможи пристап до преносниот систем на гас и заедно со дистрибутивниот систем да се опслужуваат корисниците“, изјави Реџепи.

Share
Scroll to Top