Бучковски: Не знаеме дали ќе се случи чудо за една недела, но ќе се бориме до крај

пред 4 години

Специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, вели е убеден дека ќе се најде решение, но не за седум дена.

„Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите“, рече Бучковски.

Тој вели дека не знае дали за една недела може да се случи чудо, но до последен момент ќе се бори за да се изнајде решение.

„Јас се надевам дека со моето искуство, со довербата која ја имам и во бугарската јавност, ќе бидам јасен сигнал на посветеноста на нашата Влада во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка. Со задоволство го прифатив овој предизвик затоа што сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство“, вели Владо Бучковски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека со ова ја пополнуваме дипломатската празнина, бидејќи немаме назначено амбасадор во Софија.

„Создаваме низа механизми за да ја засилиме довербата меѓу двете земји. Работиме и на дополнителни форми на акциски планови за суштински да покажеме намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, неговата ефикасност и имплементација“, рече Османи.

Претходно денеска, портпаролот на Владата, Душко Арсовски, изјави дека Владо Бучковски е избран за специјален претставник за Бугарија бидејќи е одличен познавач на македонско бугарските односи.

„Почитуван е од бугарските општествени и политички чинители, има добри контакти со Бугарија и добро е примен во тамошната јавност, има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој кој порано придонесувал позитивно кон подобрување на односите со соседска Бугарија“, рече Арсовски, одговарајќи на прашањето по кои критериуми е избран Бучковски.

Share
Scroll to Top