(Видео) Арсовска: Никој не заслужува црна кампања и да биде предмет на монтажи и фалсификати

пред 3 години

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, вели дека никој не заслужува  црна кампања, никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого.

„Последниве денови сме сведоци на силна црна кампања против мене и моето семејство. Еве на крајот од оваа кампања сакам да ви се обратам директно и искрено вам, дека јас, Данела Арсовска ја побарав вашата поддршка како човек без ниту една дамка во животот и таа поддршка ја добив. Јас за разлика од моите противници не направив никаква негативна кампања за нив. Немам потреба од такво нешто, бидејќи локалните избори треба да бидат борба на идеи и проекти на ниво на градот. За жал овие избори некој ги направи извор на лажни вести и црни кампањи. Најавија дека сега повторно ќе бидат предмет на напади мојот татко, мајка, сопруг и дете. Тоа е и напад врз мене како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка“, вели Арсовска во обраќањето до граѓаните.

Според неа, никој во оваа земја не заслужува да биде понижуван и навредуван, затоа што тој што тоа го прави покажува ароганција и слабост, затоа што тој што тоа го прави сака да ги скрие своите криминали и да избегне одговорност.

„Сега гледам право во нив, моите противници, бидејќи сега се двајца и градоначалникот во заминување и премиерот во заминување со порака – ќе ве победиме, готово е. Сега јасно и гласно кажувам – се што кажавте досега е лага. И вие тоа го знаете, ама сакате да продолжите со вашата црна кампања бидејќи немате со што друго. Едниот мој противкандидат е познат по тоа што ги излажа скопјани и во 4 години оствари само 5% од ветените проекти. А другиот по тоа што континуирано се пазари со македонските национални интереси. Јас кажав дека лажат, побарав извинување, а добив нови напади и закани за мене и моето семејство. Сум победила многу пострашни битки во својот живот, а ќе победам и сега бидејќи не сум човек што се откажува“, вели Арсовска.

Share
Scroll to Top