(Видео) Арсовски: СДСМ нуди стари и истрошени кадри, ниту еден човек со кредибилитет не им се нафаќа

пред 3 години

СДСМ нуди стари и истрошени кадри, ниту еден човек со кредибилитет не им се нафаќа да биде жртвено јагне во пресрет на очигледниот пораз, истакна денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, како реакција на 17-те кандидати за градоначалници кој попладнево ги соопшти генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

„Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис минато.

Според наши информации кандидатот на СДСМ за Битола, Христо Кондоски е лице со криминално минато, кој во 2009 година е осуден на условна казна затвор за тешка телесна повреда, а и пред тоа против него се водени неколку постапки пред органите на прогонот. Дали ова е така нека одговорат од СДСМ. Очигледно таму имаме за кандидат насилник во најава“, посочи Арсовски,

Потоа тој се осврна на кандидатите на СДСМ за градоначалници во Центар, Куманово и Струмица.

„СДСМ велеа дека нивните градоначалници во овие општини се едни од најуспешните, за сега со смената да признаат дека ништо не сработиле нивните досегашни градоначалници.

Горан Герасимовски, кој Љупчо Николовски го промовираше како нов човек за Центар е всушност стар кадар, тој е актуелен директор на Државниот завод за индустриска сопственост. Тоа е принципот на СДСМ и начинот на кој го сфаќаат поимот нов кадар – лица кои смениле и по неколку функции во државата.

Најнов кадар според нивниот принцип мораме да се согласиме им е Костадин Костадинов, миленикот на Заеви, кој ќе остане запаметен по низата скандали, како дружбите со осудените во Рекет, но и тоа како од позиција на власт си ја вработи половина фамилија во државните институции.

Од новите кадри на Заев го гледаме и Оливер Илиевски, кој е актуелен директор на ЈП Водостопанство ‘Кумановско – Липковско поле’ и послушник на партиската централа во градот. Илиевски нема ниту еден проект зад себе како директор, иако неколку години го води ова јавно претпријатие, а пола Куманово зборува дека е со сомнително минато и вклучително таква најава има доколку би станал градоначалник“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека време е граѓаните да стават крај на ваквите решенија и политики и да изберат чесни и професионални кадри.

Share
Scroll to Top