(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов и општина Карпош прават план погубен за Спортскиот центар „Борис Трајковски“

пред 3 години

Мега скандал и невиден криминал во најава му се случува на Скопје и Спортскиот центар „Борис Трајковски“, обвини на денешната прес-конференција, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на почетокот потсети дека спортскиот центар „Борис Трајковски“ е повеќе од арената.

„Дел од објектите се базенот, аква-паркот, тениските терени, картинг-патеката и лизгалиштето, со сервисни улички и соодветен паркинг“, кажа претставникот на опозициската партија.

Потоа, тој ги презентираше партиските сознанија за тоа што, како што кажа, планира да го направи Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош.

„Прво, проектира нов булевар, кој треба да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина. Тениските терени, на пола пресечени со улицата, ќе бидат целосно бескорисни. Овој булевар со стариот ДУП беше вцртан надвор од границите на Спортскиот центар“, посочи Андоновски и обвини дека тоа се прави заради градежни интереси, односно зголемување на маркицата за градење на соседната парцела.

„Децата и младите од спортските клубови и од базенот ќе излегуваат директно на прометен булевар“, додаде тој.

Исто така објасни дека според планот, се прави целосна пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот.

„Иако истите се легални и во сопственост на Република Македонија, тие на сликата обоени со жолто добиваат намена за домување. Повторувам намена за домување. Ве молиме видете ја жолтата боја од мапата на усвоениот план. Таа значи домување. Дали ова значи дека некој ќе си ја зголеми сопствената парцела со државен имот од највисоко значење – спортско значење? На тој простор ќе се градат огромни згради. Бетонска џунгла наместо спорт“, истакна Андоновски.

Според него, усвоениот план на Петре Шилегов ја менува и намената на големата спортска арена и базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

„Тие според овој план стануваат објекти од деловна намена, повторувам со деловна намена. Нема повеќе спорт во ‘Борис Трајковски’, ќе има бизнис и негово свесно уништување. Тоа го докажува портокаловата боја од мапата на регулацискиот план. Арената и базенот на СЦБТ се сега со друга намена, а не со намена спорт“, кажа претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поради ова тој ги повика скопјани на масовност и побара на 20-ти август (петок) во 13:00 часот, во што поголем број да се појават во општина Карпош со цел, како што рече, да се спречи злосторот со донесувањето на овој план, со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје.

Share
Scroll to Top