(Видео) Димитров: Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка, тогаш не ја заслужува „европска“ во своето име

пред 4 години

Aко Европската Унија дозволи на некој начин македонскиот јазик да биде пречка за нашата интеграција, тогаш нема да ја заслужи придавката „европска“ во своето име, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од Прилеп, каде ја предводеше владината делегација по повод 11 Октомври.

„ Мислам дека е неевропски предизвик македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка тогаш нема да ја заслужи во своето име „европска“. Не знам дали ќе можеме да веруваме на таква Европска Унија. Мора мудрост и почит. Нема пријателство без заемна почит. Сите што сакаат на македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели мора да не` прифатат кои сме и каков јазик зборуваме – ние зборуваме македонски јазик. Без елементарна почит не може да се развие блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, ниту соседна ниту подалечна, па ниту меѓународна организација нема право да се меша во нашето самоопределување“ нагласи Димитров.

Тој истакна дека борбата за “светата народна слобода” против најцрната страница од историјата – фашизмот, е една од најзначајните борби на нашите претци на кои денеска им положивме цвеќе.
„Ни оставија држава во аманет. Првата цел на нашата борба како илинденски и асномски наследници, беше да ја зацврстиме и обезбедиме државата преку членството во НАТО. Таа работа ја завршивме.
Сега треба да “строиме живот, слобода, иднина за жени, деца, старци, младинци”, сега треба европскиот начин на живот да го донесеме дома, во нашата Македонија, во Република Северна Македонија. За да имаме просперитетна држава и силна економија, со добри работни места и плати, со правда за сите, со европско образование и здравство, со чиста животна средина.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание,
вечна слава на паднатите борци. Од Прилеп, градот Херој!“ истакна Димитров.

Share
Scroll to Top