(Видео) Заев, Вучиќ и Рама разговараа за поврзување на државите во услови на пандемија

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев, преку интернет конференциска врска, денеска учествуваше на регионалниот форум за млади лидери, во организација на Европското движење во Србија од Нови Сад, кој беше посветен на регионалната економска соработка со посебен осврт на решенија за поврзување на државите во услови на пандемија.

Премиерот Заев во дебатата на која учествуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, потенцираше дека повеќе од кога било пандемијата со коронавирусот покажа дека сè е врзан систем. Инфраструктурата, економијата, еколошките системи, па дури и политичките системи. Кризи како оваа се лакмус тест за состојбите во едно општество, што е силно, а што е слабо во истото.

„Во услови на криза нашите држави работат и сме во постојана комуникација помеѓу себе. Координираните одговори на најголемите предизвици кои се исправија пред нас донесоа и придобивки. Ја зајакнавме постоечката соработка, покажавме висок степен на солидарност и капацитет на носење одлуки за граѓаните на нашите земји. Младите мора да бидат дел од овие процеси. Потребна ни е нивната креативност, потребна ни е нивната енергија и капацитет да ги согледуваат пречките како можности, затоа што во нив ги полагаме сите надежи дека ќе успеат да ги финишираат сите интеграциски процеси кои сме ги отпочнале пред неколку декади“, додаде Заев.

Премиерот Заев истакна дека образованието и зголемувањето на компетенциите на младите се клучни за понатамошен напредок. Сведоци сме на зголемена миграција и на нејзе треба да гледаме како двонасочна улица. Сакаме и создаваме можности за оние кои заминале да се вратат, да може во својата држава да ги користат новите вештини кои ги научиле. Слободното движење на луѓе е цивилизациска придобивка која треба да ја негуваме постојано, додаде меѓу другото во текот на дебатата премиерот Заев.

На дебатата се разговараше и се презентираа заедничките заклучоци кои тројцата лидери ги дискутираа на трилатералната средба минатиот петок во рамките на обновената иницијатива за регионална соработка.

Оваа година Северна Македонија заедно со Бугарија ко-претседава со Берлинскиот процес, чиј самит следува следната недела. Градиме соработка преку која ги разговараме, унапредуваме и конечно се обединуваме околу позициите каде што имаме заеднички интерес како регион во рамките на Берлинскиот процес, беше заедничката порака до младите од страна на Вучиќ, Рама и Заев.

Share
Scroll to Top